Македонија
5. July 2015 - 14:56

Се зајакнуваат четири специјалистичките оддели во Клиничката болница Битола

Продолжува унапредувањето на капацитетите на повеќе различни специјалности во општите и клиничките болници во државата со цел да се зајакне нивната позиција како регионални медицински центри и да се редуцира упатувањето на пациентите кон скопските клиники.  Практиката за зајакнување на капацитетите во конкретни специјалности почна во Клиничката болница во Штип, а ќе се спроведува и во Клиничката болница во Битола каде ќе бидат опфатени специјалностите гастроентерохепатологија, ревматологија, офталмологија и пулмологија. 

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека само за тие четири специјалности од Битола кон Скопје биле издадени 1.204 упати , а дополнително од битолскиот регион вклучувајќи ги Прилеп и Ресен, биле издадени уште 207 упати.

Посочи дека како резултат на тоа одлучиле да преземат мерки во рамки на четирите специјалности во Клиничката болница-Битола и тоа реорганизирање на пулмолошката дејност во таа ЈЗУ со искористување на капацитетите во Одделот за пнеумофтизиологија за давање целосни дијагностички и тераписки услуги, зајакнување на дејноста со уште двајца специјалисти од Интерното одделение и реименување на одделот во Оддел за пулмологија (податоците покажуваат дека во изминатите шест месеци има 260 упати кон пулмологија).

Нагласи дека ќе се зајакнува Одделението за офталмологија со оглед на фактот што има 326 упатувања кон Клиниката за очни болести и кон ГОБ „8 Септември“ од Клиничката болница во Битола, ќе се зајакнува Одделението за ревматологија (250 упати) и ќе се унапредува Одделението за гастроентерохепатологија (368 упати).

- Ќе се унапредува третманот на белодробните заболувања, а тенденцијата е да се редуцира упатувањето кон скопските клиники. Од септември ќе почне едукацијата на двајца доктори-специјалисти од Интерното одделение и шест доктори кои работат на Одделот за пнеумофтизиологија која би се спроведувала од еден до два месеци во рамки на Клиниката за пулмологија и Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза. Дополнително ќе го зајакнеме кадарот со две специјализации во областа на пулмологија, рече Тодоров.

Најави отпочнување постапка за набавка на гасен анализатор, апарат за ехо-дијагностика на белите дробови и бронхоскоп.  

- Втора мерка која ја преземаме со цел зајакнување и на Одделението за гастроентерохепатологија е обезбедување две супспецијализации во оваа област во рамки на Програмата на Министерството за здравство. Едната супспецијализација е веќе обезбедена со Програмата за 2015 година, а во тек е постапката за дополнување на Програмата со уште една супспецијализација. За таа цел, ќе биде изготвена и посебна програма за супспецијализација во соработка со катедрите на Медицинскиот факултет, истакна Тодоров.

Во областа на ревматологија, потенцира министерот, на долг рок ќе го зајакнеме капацитетот со уште една супспецијализација, додека на краток рок креирани се поголем број термини за прегледи.

- Исто така го зајакнуваме капацитетот на ова одделение со проектот Дисперзирана клиника во рамки на кој почнувајќи од следната недела секој втор петок во месецот специјалист-ревматолог од друга установа ќе работи со пациентите во Битолската болница, посочи Тодоров.

Укажа дека во делот на офталмологија се сериозно фокусирани на унапредување на хирушкиот третман во Клиничката болница во Битола и предвидено е да се спроведе едукација на докторите од еден до два месеца, која првенствено ќе биде фокусирана на третман на глауком (зголемен притисок на окото). 

- Поголем дел од опремата потребна за третман е веќе обезбедена во болницата, а во меѓувреме ќе се направи проценка дали е потребно да се набави дополнителна опрема. Дополнително со проектот Дисперзирана клиника, специјалист-офталмолог од друга установа почнувајќи од следната недела два пати во месецот (секој втор петок) ќе работи со пациентите од оваа болница, рече Тодоров и додаде дека целта е да се зајакнат капацитетите во болниците и да се намали упатувањето кон Скопје.