Loading Video...
Бизнис
8. јуни 2021 - 19:41

Се воведува К-15 во дел од јавниот сектор, ќе расте буџетскиот дефицит

Голем дел од административците годинава ќе добијат К-15. Ова се предвидува со ребаланс на буџетот. Тука влегуваат вработени во владините, општинските служби, правосудството. За оваа намена ќе бидат алоцирани речиси 4 милиони евра. Премиерот Заев тврди дека овие државни службеници треба да добијат регрес затоа што е потпишан со колективниот договор уште пред две години.

Со ребалансот на буџетот Владата планира да потроши околу 300 милиони евра. Со тоа расходите ќе се зголемат за 8, 6 отсто и ќе изнесуваат  4,3 милијарди евра. Зголемување ќе има и на приходната страна за 4, 7 проценти и со тоа ќе изнесуваат 3, 6 милијарди евра. Буџетскиот дефицит ќе се продлабочи за околу 200  милиони евра. Сепак од владата уверуваат дека станува збор за продуктивен ребаланс.

Од опозицијата обвинуваат дека со ребалансот не се помага економијата туку се прави поткуп на граѓаните и администрацијата.

Со прекројувањето на државната каса се кратат пари од Министерството за одбрана, а се додава за вакцини, локални избори, субвенции. Повеќе пари ќе има и за енергетика, здравство. Промени во даночните стапки засега нема да има.

Од владата очекуваат и со ребалансот, годинава да се заврши со раст на економијата од 4, 1 процент.