Македонија
29. November 2017 - 9:22

Се воведува двосменско работење на комуналните инспектори во Аеродром

Комуналните инспектори на општина Аеродром од денеска ќе работат во две смени. Тие ќе бидат достапни секој ден од 8:30 до 22:30 часот, вклучувајќи ги и викендите, на телефонскиот број ‎075/316-515. Ќе биде ангажирана целата инспекциска служба што се состои од осум комунални инспектори и четири комунални редари. 

Оваа одлука е со цел успешна реализација на проектот „Пријави загадувач“, која е дел од заложбите на општина Аеродром за почист воздух.

Општина Аеродром соопшти дека е неопходно да се воведе дежурна смена на инспекторите по барање на граѓаните и за поголема ефикасност на инспекциските служби.

Целта на акцијата „Пријави загадувач“ е што побрзо да се откријат и соодветно да се регулираат загадувачите на територијата на општина Аеродром. Во рамки на акцијата досега се организирани редовни мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух и контрола на стационарните извори на територија на општина Аеродром.