Македонија
6. August 2021 - 15:50

Се влошува состојбата со КОВИД-19 во Кичево

Состојбата со КОВИД-19 во Општина Кичево континуирано се влошува. Бројот на новозаболени е во пораст, а причина за тоа се неколкуте кластери што се појавија последните неколку дена.

Како што вели д-р Неџат Балажи, началник на Оддел во Болницата, загрижувачки е што пациентите згрижени во КОВИД-центарот имаат исклучително лоша клиничка слика и сите се на кислородна подршка.

-Во нашата општина секојдневно состојбата со КОВИД-19 се усложнува. Денеска, од десетте хоспитализирани сите се со потешка клиничка слика и на кислородна подршка. Во исто време од нашата болница поради исклучително лоша здравствена состојба упатени се за Скопје четворица граѓани, од кои последниот на околу 40 години. Од 16 тестирани граѓани, кај шест наодот е позитивен, додека состојбата кај лицата што се снимаа на рендген е уште полоша и од 20 пациенти кај 10 наодите се позитивни. Вчера, еден наш сограѓанин ја загуби битката со КОВИД-19 и покрај двете вакцини, истакна Балажи и посочи дека граѓаните недоволно се дисциплинирани, во затворен простор не носат маски, се групираат и како причина од оваа недисциплина појавени се и неколку кластери.

Според него, и покрај сите апели до граѓаните и печалбарите кои се на одмор во земјава, во затворен простор да носат маски, да не се групираат и ако почувствуваат какви било симптоми да се јават за да им биде направен тест, да ја исклучат можноста дека се инфицирани и дека можат вирусот да го пренесат на свои блиски и пријатели, со кои се во чести контакти.

-Токму поради зголеменото невнимание и недисциплина се појавија кластери во селата Зајас и Јагол, а помеѓу кластерите се наоѓа и едно семејство на работа во странство. Се работи за лица кои претходно биле вакцинирани со по две вакцини, рече Балажи и додаде дека ќе мора на граѓаните да им биде јасно дека  можат сериозно да се заболат и покрај двете вакцини зашто времето што доаѓа не е наш сојузник и мораме да бидеме крајно претпазливи, за да не се повторат бројките од лани.

Тој истакна дека продолжува и вакцинацијата и ревакцинацијата на месното население, интересот е голем и овој месец се очекува повеќето лица кои досега не се вакцинираа во претстојниот период да се имунизираат. Вакцинација на што поголем број граѓани е најдобрата одбрана од овој вирус, порача Балажи.