Македонија
18. јуни 2018 - 17:21

Се уште нема решение за квотите за лекови, кои ги снемува од аптеките веќе првата недела од месецот

Ако пред 10-ти астматичарите не можеа да ги најдат неопходните спрејови на рецепт, на средина од месецот нема ниту антибиотици како и терапија за хронично болни поради потрошени квоти во аптеките. На пациентите им останува на високите температури да шетаат низ градот и да ја бараат неоходната терапија, или да ја купат приватно.

-Седум аптеки поминав и нема, еве уште ќе барам, вели револтирано еден граѓанин.

-Ваму нема, таму нема, тоа е ќе бараме или ќе си чекаме до први. Ај некако до 15, 20 ќе се најде, ама ако на 20ти ви пропишаат рецепт, нема. Лошо е вака, госдпод напомош, реагираат граѓани.

Со месеци наназад после 15-ти во месецот граѓаните не можат да најдат лекови на рецепт. Квотата е потрошена, дојдете на први е најчестиот одговор што го слушаат во аптеките. Но освен пациентите, како што веќе објави Сител, малите буџети се проблем и за аптеките.

-Со години наназад квотите не се проблем само за пациентите, уште поголем проблем се и за аптеките кои се наши членови, реагираат и тие, вели Бистра Ангеловска претседател на Фармацевтска Комора.

Од Комората изјавија дека нивни членови се во работната група за промена на формулата за прераспределба на квотите во аптеките. Побаравме одговор од Фондот до каде се измените, но не добивме одговор.

Инаку, и во владината програма е наведено дека ќе направат промени во овој систем за пациентите да не останат без лекови.

Владата ќе работи на надминување на состојбата со немање на лекови на рецепт после 15-ти во месецот и зголемена достапност на лекови. Ќе се воспостави систем кој ќе оневозможи злоупотреба на препишаните рецепти и фиктивно трошење на месечните квоти за набавка на лекови, стои во владината програма.