Македонија
22. October 2019 - 16:35

Се уште нема одлука за спорните предмети за инвалидски пензии

Заврши увидот во предметите на Бане Најдовски од Ајватовци и Ацо Јовановски од Скопје, кои пред еден месец доставија претставка до Министерството за труд и социјална политика бидејќи неколкупати ги одбиваат за инвалидски пензии и покрај нивната здравствена состојба. Од Министерството за труд и социјала не откриваат што утврдила Комисијата.

-Комисија спроведе увид на двата предмета. За наодите подносителите на претставките ќе довбијат писмено известување со насоки и совети за понатамошно постапување, велат во писмениот одговор од Министерството за труд и социјална политика.

Бане Најдовски има деменција и дијабет и носи пелени за возрасни а Јовановски е со тешки последици од прележан мозочен удар во 2013 година. И двајцата користат туѓа нега и неколкупати Комисија ги одбива со образложение дека се работоспособни.

Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување добиваме само писмени одговори и велат дека тие однапред не планираат буџет наменет за инвалидски пензии. Инаку лекарите во комисиите работат согласно правилник кој не е променет повеќе од 7 години а засега нема одговор до каде е иницијативата за негова промена.

Пациенти кои со години користат туѓа нега бидејќи лекари процениле дека не се способни да се грижат сами за себе и се зависни од трето лице, не било релевантен доказ за добивање на инвалидска пензија. Од ПИОМ со одговор дека оваа нега не е трајно право и тие имале различни критериуми при утврдување на инвалидност.

Според евиденцијата од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, лани биле доделени околу 1300 помалку инвалидски пензии во споредба со 2017 година.