Македонија
22. November 2017 - 18:08

Се укинуваат казнените одредби за регулација на професијата по предлог на ЗНМ

Се укинуваат казнените одредби за регулација на професијата по предлог на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Одлуката за бришење на измените во членот 61 во текот на вчерашната јавна дебата беше поздравена и од претседателот на ЗНМ Насер Селмани, кој јавно потенцираше дека е задоволен што е прифатена неговата забелешка. Поради тоа, изненадува неговата денешна изјава во која тој повторно ја обвинува Владата дека со измените во Законот за АВМУ се обидува да ги контролира медиумите,  соопшти Владата.

Последната верзија од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) што ќе влезе во собраниска процедура, ќе биде резултат на препораките и забелешките на сите засегнати страни. Ова, како што наведува владината прес-служба, го нагласија и двајцата министри  Дамјан Манчевски и министерот Роберт Поповски на дебатата. 

Манчевски и Поповски, информира владината прес-служба, јасно  истакнаа и дека забелешките на Селмани се прифаќаат, како и дека измените во членот 61 од Законот ќе се укинат. Министрите јавно го потврдија и ставот дека Владата не е и нема да биде мотор на реформите во медиумите, туку само ќе помага со заеднички усвоените механизми. 

- Медиумските работници и медиумите се очигледно расположени и подготвени за дебатата која повеќе од деценија недостасуваше во општеството. Тоа го покажаа со присуството и конструктивните предлози. Владата како и досега, останува отворена и за предлозите и коментарите од ЗНМ, како и за коментарите на сите засегнати страни. Доколку медиумските работници одлучат дека не се потребни измени за Законот за АВМУ, Владата нема да инсистира на измени, стои во соопштението.