Свет
10. October 2016 - 13:05

Се укинува регистрацијата на дизел-возилата

 
Пратениците на горниот дом на германскиот парламент ѝ предложија на Европската комисија по 2030 година да забрани регистрирање возила со дизел мотори на внатрешно согорување.
 
„Потребно е да се преиспита досегашната даночна политика за да се поттикне наоѓање сообраќајни решенија што не предизвикуваат загадување и да се постигне целта по 2030 година во Европската унија да се регистрираат само возила без емисии“, стои во барањето на Бундестагот упатено до ЕК.
 
„Шпигел“ наведува дека за ова барање се согласиле и сојузните покраини во кои на власт се демохристијаните и покраините со социјалдемократски влади.
 
Сојузниот министер за сообраќај Александер Добринт, кој доаѓа од Христијанско-социјалната унија, сепак, ја отфрла иницијативата на Бундестагот како нереална.
 
-Моторите со внатрешно согорување како преодна технологија ќе се развиваат паралелно со развојот на електричните автомобили – вели тој и додава дека верува дека пазарот на електроавтомобили ќе се развива благодарение на поттикот, а не на укинувањето на дизел-моторите.
 
Најголемиот европски автоклуб, германскиот АДАЦ, исто така ја критикува иницијативата на Бундестагот.
 
-Ефикасните и еколошки мотори со внатрешно согорување е останат важен сообраќаен и стопански фактор и едностраната забрана на технологиите не донесува ништо.
 
Исто така, смета автоклубот, со укинувањето на дизелите, ќе се загрозат работните места на многу работници во германската автоиндустрија, со оглед на тоа дека за производство на електроавтомобили е потребно повеќепати помалку работна сила отколку за призводство на мотори со внатрешно согорување.