Македонија
14. јуни 2021 - 19:53

Се укинува полицискиот час и се дозволуваат поголеми свадби и забави

Поголеми свадби и журки, концерти на отворено и без ограничување на движењето после полноќ. Од 16ти јуни Комисијата за заразни болести и Главниот координативен кризен штаб препорачаа укинување на дел од рестрикциите кои се на сила. Нема повеќе полициски час а на свадбена веселба може да има и повеќе од 100 гости. Пејачи ќе пејат пред публика до 1000 лица а во ресторани на отворено може журки но да не биде зафатен повеќе од 50 проценти од просторот на објектот. Последниот збор ќе го има утре Владата кога министрите на седница треба да одлучат дали ќе ги прифатат овие предлози.

Министерот Венко Филипче на фејсбук објавувајќи ги препораките напиша дека епидемиолошката состојба е стабилна и го дозволува ова.

Согласно дневната статистика, изминатото деноноќие од над 1300 тестирања само кај четворица било потврдено дека се позитивни на ковид 19 а 14 веќе се заведени во графата на оздравени. Едно лице ја изгуби битката со вирусот и почина во болница во Скопје. 

Драстично се намалени и хоспитализациите и од денеска бројката е двоцифрена. Во болница има 99 пациенти од кои 34 се на инфективните одделенија во главниот град.

Според извештаите од ИЈЗ, во моментот во земјата има 426 активни случаи на ковид 19 а од почетокот на пандемијата досега над 5400 граѓани починале.