Македонија
29. July 2021 - 12:38

Се трага по подметнувачите на пожарите во општина Карбинци

Се уште не се познати причинителите на двата големи пожари, што во период од 15 дена избувнаа во атарите на неколку села во општина Карбинци. Од СВР – Штип информираат дека крим техничка и истражните органи интензивно работат на двата случаи, но за сега не можат да дадат конкретни информации. Во првиот пожар изгоре пченица на површина од 40 ха, повеќегодишни овошни и лозови насади. Во вториот пожар изгореа две викенд куќи, помпна станица за вода, фотоволтаична централа и дрвна маса, но досега до општинската Комисија за утврдување на штети не се пристигнати пријави.

-Ние како општина Карбинци, од општинскиот буџет се уште немаме предвидено средства за оваа намена. Наше е да ја утврдиме висината на штетата, а понатаму ќе видиме како ќе биде околу делот на обештетувањето-изјави Јордан Насев, градоначалник на о. Карбинци.

Некои од мештаните се сомневаа дека пожарот избувнал како резултат на искра од електрични жици во близина на трафостаницата на ЕВН, што се случувало и порано. 

Од таму пожарот потекнува. Дали е од некои жици, не знам, но од друго не може да биде, ниту од цигара, нити од ништо - изјави Ангел Тасев. жител на о. Карбинци.

Сопственичката на пеплосаната викенд куќа најави тужба доколку истрагата утврди дека ЕВН е одговорна за настанатиот пожар. Од ЕВН Македонија пак информираат дека им стојат на располагање на надлежните институции за сите информации и податоци кои се потребни за спроведување на постапката и целосно расчистување на случајот. Додаваат и дека соработката е секојдневна и интензивна.