Свет
10. October 2018 - 13:18

Се самоуби крадец на вредна колекција вина- скокна од луксузен хотел

Поранешниот личен асистент на извршниот директор на „Голдман Сакс” се самоуби скокајќи од хотел на Менхетн, истиот ден кога требаше да се појави во федералниот суд каде е обвинет за кражба на ексклузивна колекција вина од неговиот поранешен шеф.
 
Николас Де Мајер е обвинет за крадење на висококвалитетно вино вредно над 1,2 милиони долари од колекцијата на неговиот поранешен шеф, Дејвид М. Соломон, кој сега е главен извршен директор на ,,Голдман Сакс”.
 
Тој требал да се појави вчера во федералниот суд во 14.30 часот. Но, само осум минути подоцна полицијата примила повик дека тој се фрлил од хотелот.
 
Де Мајер (41) скокнал од 33-тиот кат на луксузниот хотел Карлајл, каде што престојувал. Властите соопштија дека тој бил прогласен за мртов на местото на настанот.
 
Полицијата го испитува случајот како самоубиство.
 
Додека бил личен асистент на Соломон, Де-Мајер место да го испорача виното до визбата на Соломон во Источен Хемптон, на Лонг Ајленд, тој украл стотици шишиња кои ги продал на дилер од Северна Каролина.
 
Меѓу огромната колекција, највредни биле седум шишиња од Domaine de la Romanée-Conti, француски пино-ноар од Бургундија, произведен од едно од најпознатите лозја во светот. Рецензентите ги опишаа вината кои можат да достигнат десетици илјади долари по шише, како ,,течнокадифе”. Соломон ги купил шишињата за 133.650 долари.
 
Де Мајер беше уапсен на Меѓународниот аеродром во Лос Анџелес во јануари, но до неодамна живееше во Охајо. Тој се соочуваше со казна од 10 години затвор.