Македонија
3. July 2017 - 12:42

Се реконструира патот до споменикот во штипското село Долани

Општина Штип почна да го рекоснтруира патот што води до споменикот во село Долани каде за време на Втората светска војна загинаа жители на селото.

Како што информира градоначалникот Илчо Захариев, градежните работи се во пресрет на 3 август, денот кога беа убиени четворица истакнати општествени работници, а предвидуваат поставување жичена арматура и бетонска плоча. 

Делницата од патот беше многу оштетена од тешки возила кои сообраќаат, па моравме да преземеме активности за обнова на дел од патот. Имајќи предвид дека овде е споменикот на загинатите од Втората светска војна, патот има голема важност и одлучивме да го санираме. И претходните години работевме на обнова и зачувување на облежјата и спомениците од Втората светска војна, во селата Драгоево, во Селце, помогнавме и во Виничко. Тоа е дел од нашата историја и мораме да се грижиме за тие обележја, рече Захариев на денешната прес-конференција.

Тој истакна дека претходните години, локалната самоуправа го асфалтираше пристапот до селото, улиците низ Долани од кои една води и до црквата Свети Илија, а ја уреди и чешмата. Долани се спомнува како село кое меѓу првите од сите штипски се побунило против различните окупатори низ историјата. Било посетувано од познатите македонски војводи Гоце Делчев, Мише Развигоров, Гене Војвода, Ефрем Чучков, Славејко Арсов и други, поради што е наречено комитско. Во Долани е испечатен и првиот извадок на „Народен Глас".