Македонија
6. July 2017 - 14:01

Се реконструира објект во ООУ „11 Октомври“ за Центар за деца со церебрална парализа

Во ООУ „11 Октомври“ во општина Центар денеска започна реконструкција на објект каде привремено ќе бидат сместени децата кои боледуваат од детска парализа. Тие во моментов се згрижени во објект во Капиштец, но поради изградба на ново основно училиште на истата локација тој треба да биде привремено дислоциран. 

- За да нема застој во давањето на овие услуги се реконструира, односно од денеска започнува реконструкцијата на нов објект којшто се наоѓа во склоп на училиштето „11 Октомври“ исто така во Центар. Објектот ќе опслужува 45 корисници кои ќе добиваат психолошка, дефектолошка и логопедска поддршка, како и физиотерапија, истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Додаде дека овој објект ќе биде реконструиран врз основа на сите принципи и неопходни стандарди. Многу ни е важно, рече, родителите на децата да се согласни во овој процес дека ги исполнуваме стандардите потребни за вакви објекти.

Министерката истакна дека оваа добра пракса што ја воспоставува Општина Центар треба да ја следат и сите други општини и таму да се изградат, реконструираат или адаптираат простори за вакви дејности.

Додаде дека МТСП има скромна сума на средства кои, како што рече, ќе ги вклучи во реконструкцијата и преселбата на овој објект, но потенцира дека без помошта на донаторите ќе било тешко објектот да се реконструира и тој да ги исполни потребните стандарди.

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски истакна дека дислокацијата на Центарот била неопходна поради изградбата на новото основно училиште во Капиштец, но оти таа ќе биде привремена. 

- По завршување на целосната изградба на основното училиште децата ќе се вратат и ќе бидат во новото училиште, бидејќи не можеме да говориме за инклузија ако се тие посебно сместени, истакна тој.

Информира дека потоа овој објект ќе биде наменет за градинка, со оглед на тоа што, како што рече, во овој дел на општината нема градинка.

Главниот извршен директор на ОКТА Јаннис Геруланос, чија компанија е донатор за реконструкцијата на објектот, изрази надеж дека со помошта што ја даваат ќе се овозможи добро ново место за згрижување на децата со церебрална парализа и ќе им ги даде потребните услуги и услови.

- Постојат голем број групи граѓани кои секојдневно се обидуваат да излезат на крај со бројните предизвици, но имајќи ја предвид бројноста на децата со церебрална парализа, како и отсуството на соодветен центар сметавме дека во моментот тие имаат приоритет за добивање на нашата поддршка, рече тој.

Изрази надеж дека нивната компанија ќе биде пример и за останатите компании во Македонија.