Македонија
17. August 2016 - 14:18

Се реконструира Домот на Занаетчии во Куманово

Во тек е реконструкција на Занаетчискиот дом во Куманово кој се наоѓа во центарот на градот.

Средствата за санација ги обезбеди Центарот за развој на североисточниот плански регион, кој аплицираше со проект до Бирото за рамномерен регионален развој и Министерството за локална самоуправа. Проектот е одобрен и се одвоени 200.000 евра, а општина Куманово учествува со над 100.000 евра.

Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски, информира дека објектот ќе има мултифункционална намена, ќе се користи за средби со делегации, концерти, изложби, граѓански здруженија, потребите на локалната самоуправа и други содржини.

- Целосно ќе се уреди внатрешноста, осветлувањето, столаријата,  бидејќи една ваква градба има големо значење и за градот, но и за регионот, истакна Дамјановски.

Со реконструкцијата ќе бидат опфатени трите ката на објектот, но и покрај тоа е планирано да се задржи репрезентативниот изглед.

- Фасадата е под заштита на Националната установа конзерваторски центар, која до 31. месецов ќе го приложи проектот за целосна санација на фасадата и кровот. Со тоа ќе се комплетира реконструкцијата, додаде Дамјановски.

Тој нагласи дека реконструкцијата е планирано да заврши во пресред на 11. ноември, Денот на ослободување на Куманово. Домот на занаетчиите е дело на рускиот архитект Владимир Антонов, изграден по иницијатива на занаетчиите, а пуштен во употреба 1930 година. Последен пат била изврешна реконструкција на галеријата во 1983 година.