Македонија
15. October 2019 - 14:15

Се проширува објект од кумановската градинка „Ангел Шајче“

Почнаа градежни активности за доградба и проширување на објектот „Синоличка“ од кумановската градинка „Ангел Шајче“, соопштија денеска надлежните од оваа јавна установа. Проширувањето се спроведува преку проект на  Министерството за труд и социјална политика, планирано е да  се изврши доградба на две простории во објектот, лоциран спроти градскиот стадион.

- Не само што ќе се изградат  овие две прострии туку и целосно ќе бидат опремени со опрема и со дидактика. Исто така од МТСП ќе се направи и термо фасада, а во проектот со сопствени средства ќе учествуваме и ние во санација на старата и дотраена фасада и замена на столаријата која е оштетена, изјави директорката на градинката, Марина Алексовска.
 
Со проширувањето на објектот, односно изградбата на двете простории се очекува да се прошири и опфатот на децата кои ќе бидат згрижени во овој објект за вкупно педесет деца. Надлежните информираат дека има побарување од граѓаните за отварање билингвална паралелека македонско-албанска група како што веќе функционира во еден од објектите од кумановската градинка. 
 
-Се надеваме уште една таква билингвална група да отвориме во објектот „Славејче“ што се наоѓа кај градскиот пазар. Сепак, тоа е во план, кога ќе се заврши изградбата тогаш ќе можеме сите тие работи да ги реализираме, најави Алексовска. 
 
Кумановската градинка располага со осум објекти, од кои едниот е во општина Старо Нагоричане. Како и секоја година и оваа почна со поголем број деца од постоечкиот капацитет. Надлежните велат дека постојано стигнуваат барања од родители, кои надлежна комисија ги разгледува.
-Доколку сме во можност ќе примиме, меѓутоа за жал во моментот бројот на  старо и новозапишани деца е 1.957 деца, а на листа на чекање имаме  599 деца. Тоа е бројка која навистина загрижува и треба да се прошират нашите капацитети. Општина Куманово прави напори и Министерството за труд и социјална политика, така што знам дека градоначалникот планира да изгради градинка во населбата„ Бајрам Шабани“,  изјави Алексовска.