Македонија
15. January 2016 - 14:40

Се пролонгира рокот за задолжителен фармацевт во смена во аптеките

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 85. седница ги донесе измените на Законот за лековите и медицинските средства.

Законските измени беа предложени од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и со нив се овозможува пролонгирање на одредбата за задолжителен дипломиран фармацевт во секоја смена во аптеките до 1 јануари 2018 година. 

Пратениците ги донесоа и измените на Законот за земјоделско земјиште и на Законот за шумите, двата по скратена постапка.

Со измените на Законот за шумите се поедноставува постапката за трајна пренамена на шума или шумско земјиште за изградба на објекти од јавен интерес. 

Најголема расправа предизвикаа измените на Законот за земјоделско земјиште за кои опозицијата гласаше против бидејќи, според нив, досегашната имплементација на законот покажала дека се злоупотребува државното земјоделско земјиште и распределбата на субвенциите.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека се работи за добар закон во кој меѓу другото им се дава можност на земјоделците кои имаат повеќегодишен насад со непосредба спогодба да го продолжат договорот до амортизација на повеќегодишниот насад. Тие посочија дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период спровела политики за развој на земјоделството.

Заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски истакна дека предложените измени се направени по барање на земјоделците.

- Интересот на државата секогаш ќе се штити, а земјиштето ќе се распределува на вистинските земјоделци и секогаш кога ќе има потреба, ќе го менуваме законот во нивни интерес, нагласи Костадиновски.

Расправата по останатите точки од 85. седница продолжува по редовната едночасовна пауза.