Македонија
11. April 2019 - 11:56

Се продлабочува соработката со Бугарија во заштитата на животната средина

Република Северна Македонија и Република Бугарија ќе ја продлабочуваат соработката во областа на животната средина и заштита на водите. Денеска во Софија е потпишан Договор меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Министерството за животна средина и води на Република Бугарија на средба меѓу ресорните министри Садула Дураки и Нено Димов.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат на средбата се разменети искуствата и достигнувањата во областите на животната средина и се разгледани можностите за продлабочување на заемната соработка меѓу двете соседни држави.

Двајцата министри ја потенцираа подготвеноста да ги зајакнат добрососедските и пријателски односи и да ја продлабочат соработка  во правец на зачувување и заштита на природните ресурси, но и во олеснување интегративните процеси на Република Северна Македонија кон Европската Унија.

– Со потпишување на овој договор, нашите две земји го потврдуваат пријателскиот однос и се одличен пример во регионот за обединување и реализација на иста цел – заштита на животна средина и водите, истакна министерот Садула Дураки во своето обраќање.