Бизнис
19. October 2015 - 19:50

Се продаде велешки „Киро Ќучук“ за 1,1 милион евра

Се продаде „Киро Ќучук“. Сопственик на велешката фабрика стана мешовитата македонско-турска компанија Еуро Брик компани со седиште во Скопје.

За имотот на Киро Ќучук ќе плати околу 1 милион и 100 илјади евра. Одлуката за продажба ја донесоа доверителите на денешната седница.

Според доставената понуда, дејноста на фирмата купувач е идентична со производствениот процес на „Киро Ќучук“. Произведува цигли, керамиди и производи од печена глина за градежништво. Новиот сопственик веќе неколку пати ја посетувал фабриката и правел проценка што е потребно за рестартирање на производството.

Вредноста на „Киро Ќучук“ беше проценета на повеќе од 3,5 милиони евра. Претходно фабриката три пати се нудеше на продажба но немаше заинтерисрани купувачи.

Новиот сопственик има рок од 15 дена да ги уплати парите за купување на фабриката..

На денешната седница на доверители, се продаде и друг имот на „Киро Ќучук“. Сопственици добија продавницата на главниот градски пазар и руинираниот објект наспроти касарната.

За нив треба да платат близу 5 милиони денари..

Со вкупната сума која ќе се добие од продажбата на трите дела кои денеска се продадоа треба да се обештетат доверителите.

Првин ќе одделат пари за водењето на стечајната постапка во кои спаѓаат и три плати на вработените кои биле затекнати во моментот кога е покренат стечајот.