Бизнис
19. November 2019 - 18:54

Се предлага да се зголеми прагот за ДДВ обврзници на два милиона денари

Владата усвои измени на Законот за данокот на додадена вредност со кои предлага прагот за задолжителна регистрација на ДДВ обврзници да се зголеми од милион на два милиона денари.

Со законот воедно се пропишува можност даночните обврзници кои се регистрирани за цели на ДДВ да имаат право на одбивка на претходен данок со поседување фискална сметка чиј вкупен промет не надминува 6.000 денари издадена согласно со Закон за регистрирање на готовински плаќања.

-Со оваа новина во законот се укинува сметко-потврдата како задолжителен документ придружен со фискална сметка за промет до 6000 денари, со што во голема мерка се заштедува на време, хартија и на административна постапка, соопшти владината прес-служба.

Истовремено, предложениот закон има цел да овозможи ослободување од плаќање на данок на додадена вредност на добрата кои се увезуваат од страна на воените сили на други држави кои се членки на НАТО.