Македонија
3. јуни 2017 - 10:45

Се повлекува од продажба млекото за доенчиња Novalac 1

Превентивно се повлекува од пазарот млечната формула Novalac 1, 400 гр, серија 9903524, со рок на употреба до 24/09/2019, на производителот UP Medi-Europa SA, со потекло од Франција.

Како што соопшти компанијата Медис д.о.о., Претстваништво Скопје, дистрибутер на производите Novalac Медис, причина за повлекувањето е евентуално присуство на несоодветна содржина на естер на масни киселини (3-MCPD, глицидил естер), утврден во анализата.

За да се избегнат какви било можни негативни последици врз здравјето, од компанијата советуваат купувачите да не го употребуваат Novalac 1, 400 гр, серија 9903524, со рок на употреба 24/09/2019. Купувачите можат да го вратат производот од оваа производна серија во аптека и ќе им бидат вратени паричните средства.  

Естрите на масни киселини се формираат во производство на растителни масти и масла и се присутни во скоро сите термички обработени намирници кои содржат растителни масти, меѓу другите и во млечната храна за доенчиња. Прехранбената индустрија, СЗО, ЕФСА и други институции кои се занимаваат со производство на храна и нејзина регулатива веќе со децении го проучуваат влијанието на овие супстанци врз здравјето на луѓето. Меѓутоа, како што стои во соопштението, влијанието врз здравјето се уште не е целосно дефинирано и јасно. Германскиот институт Bundesinstitut fur Risikobewertung во 2016 година издаде препорака во која е истакнато дека и покрај фактот дека естрите на масните киселини во млечната храна за доенчиња се присутни со децении, до сега нема никакви докази дека доенчињата хранети со млечна храна поради тоа имаат било какви здравствени проблеми.

Купувачите може да добијат дополнителни информации на info@novalac.mk, како и на телефонските броеви 00389 22603604 и 00389 786 42 772.