Македонија
21. February 2017 - 13:08

Се поставуваат семафори на две раскрсници во Гевгелија

На две крстосници во Гевгелија денеска почнаа изведбените работи за поставување нови семафори за регулирање на сообраќајот, соопштија од надлежната општинска служба.

- По уредувањето на кружните текови,беше констатирано дека просторот на крстосниците меѓу улиците „Ристо Фршинин“ и „Мирче Ацев“, како и на „Булевар Гевгелија“ со „Деко Ковачев“ не е доволен за кружни текови, па одлучивме тука да поставиме семафори, рекоа сообраќајните инспектори.

Тие појаснија дека на првата крстосница ќе биде поставена семафорска инсталација со 4 столбови високи по 4 метри и сигнализација за пешаците, а на втората крстосница инсталација исто така со 4 столбови со семафорски конзоли кои ќе бидат високи по 6 метри како и сигнализација за пешаците со сите потребни елементи.

Реализацијата на целиот зафат ќе чини околу 3,4 милиони денари,а средствата се обезбедени од буџетот на општина Гевгелија.