Македонија
27. March 2019 - 12:17

Се поставува нова водоводна линија во Ромското маало во Виница

Општина Виница ги започна градежните работи за реконструкција на постојната и инсталирање нова линија од градскиот водовод на улицата „Иво Лола Рибар“ во ромското маало.

Инвестицијата се реализира со грант од над 300 илјади денари добиени со проектот за имплементација на Стратегијата и Декадата на Ромите, а наменети за решавање на клучните инфраструктурни проблеми во населбата.

– До крајот на неделата ќе се комплетира поставувањето на политетиленско црево во должина од над 200 метри, кое има тројно поголема пропусна моќ, со што ќе се надминат проблемите во водоснабдувањето на жителите од овој дел на Виница, што особено се чувствуваше во летниот период. Веќе е изградена и бетонска шахта со соодветен затворач, по што ќе следуваат активности за приклучување на секое домаќинство на главната линија, истакна Киро Довичински, раководител на Секторот за урбанизам.

Од локалната самоуправа на Виница информираа дека долгогодишните проблеми со квалитетот на водоснабдувањето во Ромското маало ќе се решаваат етапно, а во план е целосна замена на старите и дотраени цевки.

Во рамки на решавањето на инфраструктурните проблеми веќе се инвестирани над еден милион денари за изградба на потпорни ѕидови на неколку ризични локации во оваа населба. По реконструкција на главната водоводната мрежа ќе следува асфалтирање на улицата „Иво Лола Рибар“.