Бизнис
17. August 2019 - 9:33

Се подобруваат условите за спортски активности во беровските училишта

Се подобруваат условите за спорт во беровската деветтолетка „Дедо Иљо Малешевски“. Спортскиот терен на кој се извршуваат часовите по спорт и физичка култура во ова училиште доби нова гумена подлога.

За директорката Наташа Аврамска целта на ваквата активност е обезбедување безбеден спортски терен што ќе го користат учениците.

– Спортот е рекреација, но понекогаш завршува и со повреди. Затоа сметавме дека неминовно е поставување нова гумирана подлога која е поставена на игралиштето во кругот на ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ во Берово. Поставена е на површина од 1.050 метри квадратни, а средствата во вкупен износ од 2 милиони и 139 илјади денари се обезбедени од буџетот на училиштето и општината, информира Аврамска.

Таа дополни дека активности за подобрување на условите се реализирани и во неколку подрачни училишта.

– Кога сме во делот на спорт и спортски активности, со средства исто така од буџетот ги оградивме спортските терени во подрачните училишта во Двориште и Митрашинци. Претходно во учичиштето во Берово целосно беа реновирани соблекувалните, додаде Аврамска.

Во беровското училиште во тек се и други активности кои се очекува да завршат пред почетокот на новата учебна година.