Македонија
18. February 2018 - 8:20

Се подобруваат трговската размена и севкупните односи меѓу Македонија и Бугарија

Трговската размена меѓу Македонија и Бугарија е значително порасната по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, оценија претседателите Ѓорге Иванов и Румен Радев по вчерашната средба во Скопје со претставниците на стопанските комори на двете земји.
 
Тие порачаа дека  Македонија и Бугарија треба да имаат поуспешна бизнис соработка, подобра инфраструктура, повеќе проекти, поголема размена на стоки и на луѓе и многу подобра комуникација на сите нивоа.
 
Иванов истака дека довербата меѓу двете земји е на високо ниво, а е во полза на Македонија бидејќи се случува во време кога Бугарија претседава со Европскиот совет.
 
Бугарскиот претседател потенцира дека е многу важно што побрзо Македонија да стане членка на НАТО, а странските инвестици мора да доаѓаат во секоја средина, со помала или поголема безбедност. 
 
- Веќе има шанса во рамките на нашето претседателство со ЕУ Република Македонија да добие покана за членство. За да ги убедиме нашите партнери да ја дадат таа покана ние треба да покажеме дека Бугарија и Македонија можат да работат заедно, рече Радев. Смета дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка треба да заживее, а не да остане само на хартија. 
 
Според податоците на Државниот завод за статистика, трговската размена меѓу Македонија и Бугарија во 2017 година изнесуваше 664 милони долари што е раст од 19,3 отсто во споредба со претходната година.
 
На средбата со претседателот на Собранието Талат Џафери, Радев ја поздрави ратификацијата на Договорот во Собранието на Република Македонија како важен политички чин и државничко однесување и нагласи дека поддршката на активностите од неговото спроведување треба да бележи континуитет и во иднина.
 
- Договорот отвора нови димензии за евроатлантската перспектива на земјата, и во тој контекст, од особено значење е продолжувањето и интензивирањето на соработката меѓу двата парламента, поконкретно преку групите за соработка и преку парламентарните комисии за европски прашања, надворешна политика и одбрана, посочи Радев. 
 
Претседателот Радев заедно со митрополитот Пловдивски г. Николај и митрополитот Старозагорски г. Кипријан, придружувани од митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, го посети манастирот Свети Јован Крстител, попознат како Бигорски манастир.
 
Игуменот на Бигорскиот манастир архимадрит Партениј му порача на Радев дека е прв претседател на друга држава што ја посетил илјадалетната Бигорска обител и оти тоа не е случајно.
 
- Ние цврсто веруваме дека оваа посета е јасен показател дека најблискиот ни бугарски народ и неговоата власт ќе продолжат како и досега да ја поддржуваат целовитоста, напредокот и благоуспевањето на Република Македонија и нејзините жители, не само на внатрешно, туку и на надворешно поле. Таквата несебична поддршка, во иднина ќе покаже уште појасно кои се вистинските пријатели и браќа на македонскиот народ и неговата држава, рече архимадрит Партениј. 
 
Тој им се заблагодари и на патријархот Неофит и на Синодот на Бугарската православна црква што испратиле свои претставници кај нив и додаде дека се надева оти Охридската архиепископија, во годината кога го празнува своето илјадалетие, ќе го доживее своето признавање и ќе го добие местото во семејството на помесните православни цркви, со посебен Томос од „Мајката на сите цркви“, светата Вселенска патријаршија, како што налага божествениот црковен ред.