Македонија
9. February 2019 - 11:28

Се оштетува сообраќајната сигнализација на патот кон Голак

Веќе извесен период во Делчево забележлива е појава на уништување на дел од поставената патна сообраќајна сигнализација кон планината Голак. Најмногу на мета на несовесните граѓани се поставените бели столбчиња кои искршени можат да се забележат на неколку локации на патот кој води до делчевската планина.

Од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (ОСБСП) излегоа со осуда за секој чин на уништување на сообраќајната сигнализација и апелираа на совесно однесување кај граѓаните кои вршат вакви дејствија кои се казниви по закон.

– Апелираме до граѓаните за поголема одговорност и свесност бидејки уништувањето на сообраќајната сигнализација нема и не може да има никакво оправдување и тоа претставува непочитување на животот, здравјето и безбедноста на учесниците во сообраќајот. Апелираме до надлежните почесто да вршат контроли со цел откривање на сторителите, велат од ОБСП Делчево.

Додаваат дека одговорните за одржување на патот исто така треба да се заложат за почеста обиколка со цел спасување на оние столпчиња кои се уште не се оштетени или украдени.

Според информации на очевидци од столпчињата најмногу се отстранува флуоросцентниот дел кој најчесто се користи како налепници за земјоделска механизација. Патниот правец од Делчево кон Голак беше реконструиран пред повеќе од две години со целосно поставена нова сообраќајна сигнализација при што преку Министерството за транспорт и врски за негова реконструкција беа обезбедени 1,3 милиони денари.