Македонија
24. January 2019 - 14:21

Се одржа првото ноќно скијање на Пониква

– На ски-патеката број три во туристичкиот центар Пониква на Осоговските Планини синоќа за првпат беше организирано ноќно скијање. Условите за скијање беа одлични, дебелината на снегот изнесуваше дваесетина сантиметри, а патеката беше целосно осветлена и подоготвена со машина – ратрак.

Од фирмата „Еурокмерц“, која е концесионер за ски-лифотвите на Пониква, рекоа дека целата организација поминала успешно и така ќе продолжи за целата скијачка сезона годинава.

– Овој настан го организиравме со цел да ја подобриме зимската спортско-рекреативна понуда на Пониква и за почеток сме задоволни од одѕивот на скијачите. Паѓаше снег, но тоа не ги спречи љубителите на зимската рекреација повеќе од три часа да уживаат во скијање под рефлектори. Ноќно скијање ќе има секоја среда и петок, при што ќе ги ангажираме и двете ски-патеки, а од почетокот на идната недела ски-лифтовите ќе работат секој ден, стакна Благој Манев од фирмата-концесионер.

Цената за еднодневен билет за ски-лифтовите чини 500 денари, а истиот ќе може да се искористи и за деновите кога ќе има ноќно скијање.

Инаку, минатата година локалната самоуправа на Кочани работеше на подобрување на условите за развој на планинскиот туризам, при што со поддршка од државата беа рехабилитирани 11 километри од патот до Пониква, а проширен е и просторот за паркирање, поставени се јавни тоалети и отворен е инфоцентар.