Македонија
26. јуни 2022 - 16:34

Се одржа најмасовната спортско-рекреативна манифестација во Крушево

Кампинг, велосипеди, планинарење, кајак, параглајдери, многу забава и адреналин. Викендов по 6-ти пат во Крушево се одржа еден од најмасовните и најдобри аутдор фестивали во Македонија - „When in Krusevo“. Организаторите велат дека ова издание на Фестивалот било досега најмасовно посетено со гости од цела Македонија. Целта е во еден викенд да се промовираат сите можности кои Крушево ги нуди за развој на адреналинскиот туризам, како ниту едно друго место во нашата држава.

„Идејата за „When in Krusevo“ е нормално промовирање на крушевските убавини, крушевските знаменитости и култура и нормално дружење и посетување на природата во Крушево. Оваа година имаме и бесплатни музеи за сите учесници кои си купиле карта“, вели Димитар Ангелкоски, организатор на Фестивалот.

Како збогатување на Фестивалот оваа година во негов состав се одржа и трката на 5 км. „Krusevo run“ околу вештачкото езеро и низ крушевските улици, на која учествуваа 100 љубители на трчањето.

„Втор пат ја организираме, планираме да остане како традиција и во разговор со атлетичарите одлучивме да биде во крај на јуни, бидејќи завршува прва полусезона. Минатата година беше во септември“, рече Никола Кискоски, директор на трката „Krusevo run“.

Учесниците на овој манифестација велат дека вакви Фестивали треба да има што е можно повеќе и тоа во сите градови од Македонија за да се популаризира здравиот начин на живот, но и да се промовираат убавините на државата.

„Последниве години секој град има своја тура, свој евент организиран и ценам дека е многу добро да има што повеќе евенти во државава, да се афирмира спортот, младите да се дружат“, вели еден учесник на Фестивалот.

„Сметам дека е една добра опција за развој на локалниот туризам. Има луѓе кои навистина немаат дојдено тука и преку сите овие средства за информирање, посебно преку Фејсбук апликацииве за правење на овие групни случувања луѓето имаат можност да се информираат“, додаде друг учесник на Фестивалот.

Организаторите планираат на овој Фестивал наредните години да доаѓаат и гости од странство.