Македонија
15. April 2020 - 16:42

Се нормализира работата на инфективното одделение во Штип

Инфективното одделение при штипска клиника од утре се комплетира. На работа се враќа докторка инфектолог, 8 медицински сестри и болничарка, откако по две извршени тестирања имаа негативни резултати. Позитивни на Ковид 19 се само тројца од одделението.

Докторката од инфективно одделение е со потврдена корона инфекција и таа одреден период ќе биде надвор од работниот процес, меѓутоа од вчера имаме помош од докторка инфектолог од кочанската болница, изјави Ален Георгијев, Директор  на Клиничка болница- Штип.

Вкупно позитивни на корона вирусот се 6 здравствени работници. Сите се со лесна клиничка слика, а петмина се упатени на домашно лекување.

Имаме само еден медицински работник кој што е хоспитализиран на инфективното одделение, кој е со лесна клиничка слика, но не е за домашно лекување, додаде Георгијев

По предлог на епидемиолог, 2 сестри и еден болничар од ортопедија се во самоизолација поради контакт со пациент за кој подоцна е утврдено дека е корона позитивен. Се работи за изолиран случај, за пациент од Штип, кој е препратен во Скопје за операција на колкот. Во моментот на инфективно се хоспитализирани 9 пациенти со потврдена корона инфекција.