Македонија
6. February 2021 - 10:09

Се исплаќа повратот на ДДВ кај физичките лица, на сметките ќе добијат 6,1 милион евра

Управата за јавни приходи ја започна исплатата на повратот на ДДВ кај физичките лица за скенираните фискални сметки во последниот квартал од 2020. Се враќаат парите за скениратени сметки во октомври, ноември и декември 2020 година.  

За овој квартал, според податоците на УЈП, на граѓаните ќе им бидат вратени 6,1 милион евра за скенираните сметки во октомври, ноември и декември 2020 година преку апликацијата МојДДВ.

Во  ова последно тримесечје од 2020 година, граѓаните скенирале  67.272.456 фискални сметки,  вкупниот промет е 33,398,562,346 денари , а на граѓаните ќе им се вратат  околу 382 милиони  денари или околу  6,1 милион евра.

Заради навремена исплата на средствата за четвртото тримесечје за 2020 година,  од УЈП апелираат граѓаните да внесат точна и лична трансакциска сметка, а оние кои немаат одобрен кориснички профил во ЕПДД истото да го сторат односно да појдат до најблиската даночна канцеларија со документ за лична идентификација со цел службено лице на УЈП да го одобри и активира  профилот на ЕПДД.

Од направената  проверка и анализа,  Управата за јавни приходи утврди дека  5 506 граѓани во апликацијата МојДДВ  имаат внесено погрешна трансакциска сметка, а 334 граѓани немаат одобрен кориснички профил во ЕПДД што е услов за користење на апликацијата МојДДВ.

Лимитот за поврат на ДДВ за едно физичко лице во едно тримесечие изнесува 1.800 денари. Се скенираат сите фискални сметки со максимален износ до 30.000 денари. Повратот на средствата е 20 отсто од прикажаниот ДДВ за домашни производи и услуги и 10 отсто за странски. Проектот се спроведува од јули 2019 година.