Македонија
20. October 2016 - 13:52

Се гради нов резервоар за вода во неготинско Тимјаник

Изградбата на нов резервоар во неготинското село Тимјаник, која е во тек,  е еден од проектите за реконструкција на водоводната мрежа и подобрување на водоснабдувањето во општина Неготино. За ова информираше денеска неготинскиот градоначалник Ванчо Апостолов, кој изврши увид на лице место.

-Резервоарот е лоциран веднаш до постоечкиот, со тоа што водата од новиот резервоар ќе биде наменета за корисниците од Неготино кои живеат во високите зони. Инаку, станува збор за резрвоар со зафатнина од 500 метри кубни,  кој претставува целина од 2 независни водни комори од по 250 метри кубни. Дистрибуцијата на водата ќе се овозможи преку одводен цевковод, а целиот комплекс околу резервоарот ќе биде ограден со столбови од челични профили. По ставањето во функција на новиот резрвоар, постоечкиот од 150 метри кубни вода ќе биде наменет само за жителите на Тимјаник, а водата од новиот  ќе биде за населението  од високите зони на Неготино, појасни градоначалникот.

Се очекува работите на терен да бидат завршени кон средината  на следниот месец и резервоарот да биде пуштен во функција.

Како што рече Апостолов, ова ќе значи  подобрување на водоснабдувањето и решавање на еден голем и долгогодишен проблем во општината.