Македонија
27. јуни 2016 - 16:43

Се гради нов парк во Општина Карпош

Спроти студентскиот дом „Гоце Делчев’’ и Т.Ц ,, Олимпико’’ започна изградбата на третиот дел од паркот со средства на Општина Карпош и Град Скопје, со вкупна големина од 10.000 квадратни метри, од кои 6.000 квадратни метри ќе биде хортикултурно уредување и зеленило, а останатите 4.000 квадратни метри ќе бидат партерно уредување со фонтана и детско игралиште.

Урбаната опрема и осветлувањето ќе бидат финансирани од страна на локалната самоуправа. Целата инвестиција, соопштија од Општината, ќе чини 24 милиони денари, од кои 4 милиони денари ќе ги обезбеди градот Скопје, додека остатокот ќе биде финансиран од буџетот на Општина Карпош.

- Ова ќе биде уште едно убаво катче во Општината, и со тоа го финишираме бул. Теодосиј Гологанов, појасни градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.

Истакнувајќи дека ова не е прва соработка со Градот Скопје, Јакимовски нагласи дека се предвидени уште седум проекти, со вкупна вредност од 13 милиони денари, кои треба да бидат завршени до ноември, меѓу кои се замена на атмосферски и фекални канализации, поставување на водоводна мрежа и сл. Притоа, најмногу ќе се градат во населените места Бардовци и Нерези. Градоначалникот Јакимовски напомена дека претходно се консултирани жителите на оваа населба, и во голем број изразиле задоволство од идејата за изградба на овој плоштад.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски напомена дека ова е една од покрупните меѓуопштински инвестиции на Градот со Општината Карпош со која се подобрува квалитетот на животот на граѓаните од овој дел на Скопје. Потенцира дека ниту едно постојно дрво нема да биде исечено, туку напротив, дополнително 61 садник ќе биде засаден во овој парк.

- Оваа инвестиција Градот Скопје ќе го чини 4 милиони евра, од кои најголем дел ќе бидат потрошени за уредување на зелената површина. Се надеваме дека нашето претпријатие „Паркови и зеленило’’, со ист квалитет ќе го облагороди и овој преостанат трет дел од паркот „Македонија’’, изјави градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

Тој потенцира дека имаат одлична соработка со градоначалникот Јакимовски, во голем број проекти со кои ќе се подигне квалитетот на живеење на граѓаните, конкретно во Општина Карпош.