Македонија
5. March 2019 - 13:22

Се гради канализациска мрежа и пречистителна станица за отпадни води во Спанчево

Локалната самоуправа на Чешиново-Облешево ја отпочна реализацијата на проектот за изградба на главна канализациска мрежа и пречистителна станица за отпадни води во селото Спанчево.

Станува збор за инвестиција вредна над 23,4 милиони денари што Општината ги обебзеди како грант преку Министерството за транспорт и врски, а со кои ќе се постави главен колекторски систем во должина од околу три километри и ќе се изгради биолошка станица за пречистување на водата.

-Канализациската мрежа во Спанчево доби приоритет со оглед што беше еден од најголемите комунални проблеми со кои се соочуваат околу 1.200 жители од ова населено место. Тие досега немаа никакво инфраструктурно решение за собирање и одвод на отпадните води од дмаќинствата. Заедно со изградбата на пречистителната станица, која што ги исполнува современите европски еколошки стандарди, ќе го спречиме досегашното испуштање во околните канали и речни корита, истакна Горанчо Крстев, градоначалник на Општина Чешиново-Облешево.

Станицата за пречистување е од контејнерски тип со просечен дневен капацитет од 300 кубни метри отпадни води, односно проектирана е да ги задоволи потребите на 1.500 еквивалент жители.

Изведувач на градежните работи е фирмата „Изгрев инженеринг“ од Велес, која има обврска инфраструктурните објекти да ги заврши до ноември, годинава.