Loading Video...
Кошарка
12. February 2018 - 15:26

Се е подготвено за кошаркарскиот Куп на Македонија

Финалниот турнир од Купот на Република Македонија отсекогаш бил синоним за празник на кошарката. Осум екипи во машка односно четири екипи во женска сениорска конкуренција ќе се натпреваруваат за престижниот трофеј. 
 
Минатата календарска година, два клуба испишаа клупска историја, а на листата на трофејни клубови во републиката беа додадени уште две имиња - во машката конкуренција славеше Карпош Соколи додека во женската славеа кошаркарките на Вардар кои спектакуларно ставија крај на доминацијата на Бадел 1862 во ова натпреварување.
 
Бранителот на трофејот Карпош Соколи во четвртфиналето ќе се сретне со еден од најголемите претенденти за триумф, екипата на Работнички.
 
„Првиот натпревар е против Карпош Соколи. Тие го освоија ланскиот Куп, оваа година играат во променет состав. Без разлика на промените, мора да играме коцентрирано и мотивирано и да ја оствариме нашата цел - што подобар пласман во ова натпреварување“ - истакна Перо Блажевски, тренер при екипата на Работнички.
Во рамки на вториот четвртфинален дуел Блокотехна е во улога на фаворит во мечот против АВ Охрид.
 
„Ние како дебитанти во оваа сезона верувам дека ќе дадеме една свежина во Купот што ќе се одигра во Кавадарци. Самото присуство на овој Куп за нас ќе имаме можност и ние да се израдуваме на некоја победа, па да бидеме од полуфиналната или финалната двојка“ - истакна Марјан Илиевски, тренерот на Блокотехна.
 
 
Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром соочен со резултатска криза се надева дека купот ќе претставува пресвртен момент во сезоната. Прв противник на аеродромци е домаќинот Фени Индустри кој е со подмладен состав во однос на ланскиот турнир кога го елиминира МЗТ.
 
Дамјан Стојановски, стави акцент на изненадувањата кои секогаш се случуваат на ваквиот тип на натпреварувања - „Купот секогаш има изненадувања и нема простор и време за поправен. Мислам дека добро да се подготвиме, прв ривал ќе е Фени Индустри, сакаме да победиме, а потоа од меч во меч сакаме што поуспешен настап“. 
 
 
„МЗТ е фаворит, а наше е да одиграме според можностите и да се обидеме да се прикажеме во добро светло“ изјави тренерот на кавадарчани Љупчо Малинков.
 
Во последното четвртфинале се среќаваат Куманово и Гостивар, дуел кој се очекува да биде најнеизвесен.
 
Кај дамите фаворитската улога ќе ја има шампионот Бадел кој ќе се обиде да му се реваншира на Вардар за поразот во минатогодишното финале. 
 
Распоред на натпревари: 
 
16. февруари, 2018 година ПЕТОК
Четвртфинале мажи
13:00 Работнички – Карпош Соколи (1)
15:30 Блокотехна – АВ Охрид (2)
18:00 МЗТ Скопје Аеродром – Фени Индустри (3)
20:30 Куманово – Гостивар (4)
 
17. февруари, 2018 година САБОТА
Полуфинале жени
12:00 Бадел – Струга 
14:30 Вардар – Пелистер 
 
Полуфинале мажи
17:30 Работнички/Карпош Соколи – Куманово/Гостивар
20:30 Блокотехна/АВ Охрид – МЗТ Скопје А./Фени И.
 
18. февруари, 2018 година НЕДЕЛА
16:00 Финале ЖЕНИ 
19:00 Финале МАЖИ