Македонија
6. August 2019 - 11:59

Се доградуваат улицата за влез во ургентен центар и коритото на Пена зад клиничката болница во Тетово

Општина Тетово започна со градежни работи со кои најавува дека ќе биде довршена улицата зад ургентниот центар како и потпорни ѕидови на реката Пена со цел да се создаде корито во делот зад клиничка болница. Прво ќе се работи на коритото со што ќе се уреди просторот за да може улицата зад клиничка болница да се продолжи до задниот дел на ургентниот центар.

-Се гради потпорен ѕид во делот до клиничка болница 500 метри од една страна и 500 метри до другата страна на реката. Покрај комплетно регулирање на потпорните ѕидови адаптирање и естетизирање нивно, ќе има осветлување и тротоари. Тендецијата е да се заврши работата со потпорните ѕидови, да се доврши патот до овој влез на ургетниот центар. Овој влез да ја има функцијата што треба да го има ургентен центар за ургентни случаи и со тротоарот би се добиле уште едно пријатно шеталиште порај реката, изјави градоначалничката Теута Арифи.

За изведување на овие градежни работи Општината има одвоено 20 милиони денари.

-Ние има голем проект за уредување на коритото низ целото течение на реката Пена. За овој дел сметаме дека е приоритет и затоа одиме со општински средства. Ако добиеме средства од други фондови, ќе продолжиме со доградба, рече Арифи.

Добивањето нов влез за возила до болницата е значаен сегмент за вработени, но и за граѓаните, рече директорот на клиничка болница Флорим Бесими.

-Ќе има полесен пристап до објектите тука, каде се сместените повеќе институции, не само клиничка болница туку и здравствен дом, Центар за јавно здравје. Со вакво регулирање ќе биде полесно движењето, изјави директорот.

Според градоначалничката, сите зафати ќе бидат завршени до крајот на градежната сеозна.