Македонија
14. October 2021 - 12:27

Се дистрибуира гласачкиот материјал - за печатење потрошени 60 тони хартија

Државната изборна комисија утрово од Битола со возила на Пошта и со засилена полициска придружба започна со дистрибуција на доверливиот материјал во 80 општински изборни комисии низ државата и Град Скопје. За овие избори материјалот е поголем бидејќи содржи гласачки ливчиња и изводи од избирачкиот список, истакна претседателот на Државната изборка комисија, Даштевски.

-Имаме независни кандидати и независни листи, имаме повеќе коалиции, така што имаме многу материјал за носење, во вториот круг ќе се смали таа бројка. Утре ќе ги предадеме и уредите за биометриска идентификација на гласачите во сите ОИК и изборната комисија за Град Скопје, вели Александар Даштевски, Претседател на ДИК. 

За 20 дена во печатницата „Киро Дандаро“ отпечатија околу 4,5 милиони ливчиња и останат материјал што е потребен за спроведување на изборите. 

-Oвие гласачки ливчиња се едни од најзаштитените, имаат преку 20 заштити, не е можно фалсификување и не е можно префрлање од едно на друго избирачко место, бидејќи секое ливе е обележано за свое избирачко место.  Отпечативме околу 40 тона хартија за ливчиња, околу 20 тона хартија за записници и останати работи, изјави Драги Милошевски, генерален директор на „Киро Дандаро“.

Во доверливиот материјал има 180 различни видови ливчиња за цела држава, од кои некои се двојазични или тријазични.