Македонија
26. November 2020 - 20:48

Се чувствувам должен кон ветувањето за преговори до крајот на годината, вели Рот во заедничкото интервју со Димитров за „Велт“

Како уверен Европеец, секогаш останувам оптимист. Дадовме ветување дека во текот на нашето претседателство со Советот ќе се потрудиме да добиеме зелено светло за почеток на пристапни преговори со Македонија. И јас се чувствувам должен кон ова ветување. Преговорите не се неуспешни, но треба уште многу да се направи, вели германскиот министер за Европа Михаел Рот во заедничкото интервју за „Велт“ со вицепремиерт за европски прашања Никола Димитров.

-На состанокот на Советот на министри речиси сите делегации уште еднаш ставија до знаење дека билатералните теми помеѓу две земји би требало и таму да останат. И дека сега треба да се фокусираме на централните прашања кои се важни за започнување на пристапните преговори. Ова мора да се направи затоа што нам итно ни е потребен позитивен сигнал за Западен Балкан. Мора да признаеме дека Македонија и Албанија во последниве години постигнаа извонредни резултати. Македонија запиша историја со Договорот за пријателство со Бугарија, но и со решавањето на спорот за името со Грција, кој траеше речиси 30 години. Тоа сега треба и да се награди, вели Рот запрашан каде го гледа решението за бугарското вето на пристапните преговори на С Македонија со ЕУ.

Според вицепремиерот Димитров блокадата на Бугарија која претходно ги поддржуваше пристапните преговори за земјава, не е изненадување туку е разочарувачка. Тој појаснува како дојде до спорот, но говори и за значењето на Договорот за пријателство како механиза, за расправа за овие теми, на кои ќе работат историчари од двете земји.

-Јас сметам дека не е воопшто продуктивно политичарите да расправаат околу историски прашања. Ние сме регион со богата историја, но досега не успеавме на помладата генерација да ѝ понудиме доволно перспективи за во иднина. Оттука, идејата беше: да ги оставиме историчарите да расправаат околу историјата – а ние да се погрижиме за најважните прашања за моментов и за во иднина. Што значи не бевме изненадени, но сме разочарани. Европската Унија, врз основа на Договорот од Лисабон, е Унија која ја почитува културната и јазичната разноликост. И навистина е тешко да им се објасни на граѓаните на Република Македонија како дојде до тоа, нивниот јазик, македонскиот јазик, да биде пречка за пристап кон една заедница која ја цени јазичната разноликост како особено богатство. А, исто така, тешко е да се објасни и тоа зошто јазикот претставува пречка на патот кон добрососедските односи, кои патем треба да се засноваат на меѓусебна почит, вели тој.

Запрашан во што гледа начин за решавање на конфликтот со Бугарија имајќи ги предвид искуството од учеството во постигнувањето на Преспанскиот договор со Грција, Димитров посочува дека  една од главните причини зошто успеавме да го решиме прашањето со нашите грчки пријатели беше таа што Договорот од Преспа не само што не влијаеше врз македонскиот јазик и идентитет, туку го потврди нашето право на самоопределување.

-Односите меѓу земјите функционираат врз основа на меѓународното право. Државите не ги признаваат јазиците или идентитетите, тие ги признаваат државите и владите. Живееме во Европа во 2020 година. Прашањето за тоа кој сум јас е прашање кое се однесува само на мене. Не дозволувам мојата земја да ми кажува кој сум јас, а да не зборуваме пак за друга земја. Јазиците на европските земји се нивна работа, тие се однесуваат само на соодветно засегнатите народи. Ова би можело да биде рамката која би ни помогнала да го избегнеме овој проблем. Како народите го нарекуваат нивниот јазик, тоа е нивно право. Воопшто не е продуктивно ова да го претвораме во политички спор помеѓу две земји, вели Димитров.

За тоа како сепак спорот може да се реши тој додава дека решението е да се фокусираме на решливите проблеми, а не на тоа нашиот идентитет да го направиме предуслов за европска иднина.

-Не е исправно Македонците во 2020 година да се одлучуваат за тоа дали сакаат да останат Македонци или да станат Европејци. Тоа си оди едно со друго, а предизвикот за национален идентитет во Европа е предизвик за Европа, бидејќи Европа е заедница на вредности која ја цени нејзината разноликост. Целите на градење пријателство со Бугарија, водење разговори за прием како и заштита на нашето право на самоопределување и на сопствениот идентитет, се надополнуваат меѓусебно. Значи, ние ќе продолжиме да преговараме, останаа уште неколку недели. И се надеваме дека со помош на германското претседателство со Советот на ЕУ ќе оствариме успех заедно со нашите соседи во Бугарија, вели вицепремиерот Димитров.

За тоа каква моќ има германското претседателство со Советот за постигнување компромис, Рот го истакнува стратешкото значење на регионот за стабилноста на ЕУ и на Бугарија.

-Моментално сме во секојдневен близок контакт со двете страни. На крајот од денот ова е централниот аргумент: Западен Балкан не е наш „заден двор“, туку  „внатрешниот двор“ на Европа. Стабилноста, мирот, регионалното помирување таму се од централно стратешко значење за Европа. А особено за соседството. И безбедноста и стабилноста на Бугарија би биле засегнати ако не постигнеме поголема стабилност во соседството. Во принцип се препознава и овој аргумент. Нашата преговарачка цел е да се разјаснат работите кои се повеќе од потребни за пристапните преговори, за што треба да води сметка и ЕУ. А потоа имаме неколку билатерални проблеми, кои, според бугарскиот став, произлегуваат од несоодветното спроведување на Договорот за пријателство, појаснува Рот.

Во однос на ова, додава, ги охрабривме и двете земји да најдат решение кое овие билатерални прашања ќе ги доведе до еден структуриран процес, за да може да се решаваат чекор по чекор.

-Таквите пречки од минатото претставуваат многу чувствителни конфликти. За нив треба време и не може да се решат во рок од неколку недели. Бугарија и Македонија основаа комисија на историчари. Такво нешто не се случува преку ноќ. Па со оглед на тоа, ова не би требало да го оневозможи почетокот на пристапните преговори и отворањето на меѓувладината конференција во декември, дециден е Рот.

Запрашан какви би биле последиците за С Македонија ако пристапните преговори дополнително се одложат, Димитров вели резултатот би бил – разочарување.

-Луѓето губат надеж дека е навистина можно да се приближиме кон Европа. Целиот регион е во трка со времето. Младите луѓе се одлучуваат да заминат, да се преселат во Германија, Италија или некоја друга земја членка, бидејќи сакаат европска перспектива. А нам ни се потребни овие луѓе за токму оваа перспектива да ја создадат кај нас, во нашата земја. Секогаш кога постои пречка на патот кон Европа тогаш тоа оди во прилог на скептиците и националистите. Колку е помала надежта дека европската визија за оваа земја ќе стане реалност, толку тоа повеќе штети на проевропските реформатори и толку повеќе од ова профитираат негативните сили, посочува Димитров.

Нашиот претходен шеф на Владата, додава Димитров, го изгуби компасот во една вонредна ситуација, откако не успеавме да влеземе во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година. Тоа предизвика одолжување кое тој го искористи да ја прошири својата моќ.

-Верувам дека, ако не постигнеме успех – а се надевам дека ќе постигнеме со помош на Берлин и другите земји членки – но, доколку не успееме ќе мораме да се потрудиме да ја насочиме енергијата на вистинските нешта, да го забрзаме реформскиот процес. Бидејќи пристапот кон ЕУ е забрзувач на реформите. Доколку не можеме да ги водиме формалните пристапни преговори, најверојатно ќе ги повикаме заинтересираните земји членки да ни помогнат во тоа, да ги спроведеме понатамошните реформи во клучните области со цел да бидеме во добра форма кога околностите ќе се променат, посочува Димитров.

Ефектот на одложувањето врз нашата внатрешна политика, наведува вицептремиерот Димитров, се состои во тоа дека тој го прави уште поголем предизвикот да се задржи курсот. Тогаш, посочува, ќе мораме да им објасниме на луѓето дека не смееме да се предадеме.

-Ја имаме визијата за европска Македонија и се држиме до неа. Ако тоа може да се направи со помош на пристапните преговори, одлично – но дури и без нив мораме и понатаму да работиме за да ги реализираме европските стандарди во нашата земја. Верувам дека тоа можеме да го направиме со помош на нашите пријатели во европските престолнини, а ова ќе помогне во обезбедувањето на перспектива  за нашиот народ. Но, опозицијата токму сега говори за изгласување недоверба, го повикува премиерот, мене и министерот за надворешни работи на оставка. Тоа е резултатот од досегашниот неуспешен развој на настаните, заклучува Димитров.

Во интервјуто Димитров на прашање на германскиот весник го објаснува и македонскиот идентитет за германскиот аудиториум и потребата земјата да ги започне преговорите со ЕУ.

– Ние сме мала, но великодушна нација во средишниот дел на Балканот. Немаме излез на море, но имаме многу зелени планини и прекрасни езера. Процесот на самобитноста на македонската нација започнува во втората половина на 19-от век и кулминира со државност во 1944 година и таа не може биде разбрана без да се земат предвид влијанијата на другите национални идеи на Балканот. Впрочем, како што е случај со сите национални идеи во Европа и светот, вели Димитров.

Продолжува дека бевме една од шесте земји основачки на поранешна Југославија, стекнавме независност во 1991 год. и денес сме мултиетничка демократија.

-Мнозинството се Македонци, православни христијани. А тука се и Албанците, Србите, Ромите, Турците и други заедници. Она што го гледаме во Европа е надеж за добросостојба, но и заедница на вредности. Процесот на преговори нам ни е потребен за да ја донесеме Европа во нашата земја. Кога говориме за Европа во Македонија, тогаш луѓето под тоа подразбираат: независни судии, владеење на правото, слобода на медиумите, зајакнати институции, чист воздух. Како во метафоричка, така и во буквална смисла. Скопје е еден од најзагадените градови во Европа. Затоа сакаме да ги започнеме пристапните преговори, нагласи тој.

Потенцира дека земјата веќе 15 години е кандидат, но и дека беше првата која ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација, но потоа загубиле цела една генерација поради спорот за името со Грција.

-Потоа во Брисел, на барање на Париз, беше разработена нова методологија за пристапни преговори. Сега последната пречка доаѓа од нашиот источен сосед, вели вицепремиерот Никола Димитров, во заедничкото интервју со германскиот министер за Европа Михаел Рот за „Велт“ .