Македонија
25. March 2023 - 16:38

Се чека обдукцијата и се вршат распити за смртта на малата Јана

4 дена јавноста  чека одговори од што почина 5 годишната Јана. Наместо да ја затворат, здравствените инспектори со вчерашното соопштение само ја зголемија дилемата – како може дете на предшколска возраст да почине од срце. ДЗСИ не констатираше недостатоци во лекувањето на девојчето, а Јавните обвинители се уште ги чекаат резултатите од обдукцијата. Искази досега се земени и од лекарите и од родителите на девојчесто.

Процесот кој наликува на многу други случаи за кои завршница се чека со години, сосема очекувано ги зовре социјалните мрежи. Граѓаните бараат одговорност, лекарите повикуваат да не им се суди на нивните колеги пред да се утврдат точните причини. Но, вината не е ниту кај едните, ниту кај другите. Според комуниколозите, јавноста суди бидејќи не му верува на правниот систем, а институциите кои треба да ги дадат одговорите молчат.

Сомнежите ги подгрева и фактот што Македонија има мал историјат на лекари кои се осудени поради нестручно работење. Законот во вакви судски процеси бара вештачење и токму тука настанува проблемот. Трагите исчезнуваат, а лекарите многу ретко сведочат против своите колеги.

Судскиот процес против тројцата хирурзи кои одговараа за смртта на 19-годишната Наташа Кметовска која почина од заскитан куршум, траше цели 6 години, а заврши со само една условна казна.

Родилката од Дебар Веаповска која остана без јајник, матка и бубрег 3 години чека правда. 7-члената стручна комисија и тогаш не констатираше пропусти кај лекарите, а судскиот процес постојано се одложува.