Македонија
16. July 2020 - 12:38

СДСМ: Во податоците на ДИК забележани се недостатоци и грешки кои може да дадат неточна слика за конечниот резултат

Според податоците на изборниот компјутерски центар на СДСМ, разликата во корист на коалицијата Можеме изнесува најмалку три мандати, а во податоците презентирани од страна на ДИК забележани се сериозни недостатоци и грешки кои може да даваат неточна слика за конечниот резултат, соопшти денеска Социјалдемократскиот сојуз.

Оттаму им честитаат на сите граѓани за, како што велат, успешните, демократски и соврмени парламентарни избори на кои победи опцијата која нуди сигурна иднина за Македонија.

-Заедно со демократското граѓанско мнозинство, СДСМ го победи режимот на ВМРО-ДПМНЕ и го испрати во неповратно минато. Македонската иднина е во сигурни раце, а земјата и народот продолжуваат напред водени од одговорна и прогресивна власт, стои во соопштението.

Симулацијата на Државната изборна комисија врз основа на првичните неофицијални резултати од  изборите од обработени 3.421 од вкупно 3.480 избирачки места покажува дека коалицијата Можеме предводена од СДСМ во новиот собраниски состав ќе има 46 пратеници, коалицијата предводена од ВМРО- ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, а Левица два и ДПА еден.

Од Државната изборна комисија денеска соопштија дека се уште се врши прием на материјалите од општинските изборни комисии и рачно се проверуваат записниците за сумирање и утврдување на резултатите од избирачките места (записници бр.16), како и записниците за сумирање и утврдување на резултатите од општините (записник бр. 21), со цел точно да можат да се утврдат неофицијалните конечни резултати.

Неофицијалните конечни резултати ќе бидат соопштени на попладневната седница на Државната изборна комисија. Првичните резултати од гласањето ДИК ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето.