Македонија
26. January 2017 - 16:49

СДСМ: Во буџетот на Град Скопје не се издвоени средства за справување со загадувањето на воздухот

СДСМ тврди дека локалната и централната власт во буџетите за годинава не предвиделе пари за спроведување на мерките од Планот за подобрување на квалитетот на воздухот на град Скопје. 

Според потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски, дел од предлог мерките на град Скопје за подобрување на квалитетот на воздухот се коректни, некои не одговараат на поднебјето на Скопје, но останува главниот проблем со обезбедување пари.

- За спроведување на овие мерки потребни се пари. Пари кои ниту градот, ниту државата ги имаат предвидено во своите буџети за 2017 година. Ништо од сето она што е предложено во овој документ  не може да се спроведе согласно буџетот на градот за оваа година, рече на прес-конференција Манчевски.

Тој додаде дека најголемиот товар за спроведување на мерките е на грбот на граѓаните на Скопје посочувајќи оти тоа особено се однесува за најскапите мерки, кои согласно градацијата предложена од градот, се со вредност од над милион евра.

Манчевски го критикуваше градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, посочувајќи дека му било „скапо да плати над милион евра за намалување на загаденоста, но не и да плати шест милиони евра за нови барокни фасади и да најде 20 милиони евра за Панорамско тркало“.

- Само со овие пари можеа да се спроведат 36, според градацијата на самиот Град Скопје,  скапи мерки за намалување на загаденоста на воздухот, наведе Манчевски, дополнувајќи дека во Скопје ќе дојде нова централна и локална власт која навистина ќе помогнела  во реализирањето на мерките за намалување на загадувањето.