Македонија
11. February 2020 - 18:48

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ се лицемерни, во нивно време се затворија над 10.000 фирми

ВМРО-ДПМНЕ се лицемерни, во нивно време се затворија над 10.000 фирми, а денес работат против повисоки плати и нови работни места.

Ништо ново од белиот дворец. ВМРО-ДПМНЕ секојдневно потврдува дека нема што да им понуди на граѓаните, освен обнова на режимот и криминалот.

Токму за  времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски  беа затворени над 10.000 фирми, а приватниот сектор постојано беше под притисок од драконски казни и новоизмислени давачки.

И додека домашните компании едвај преживуваа, Груевски низ државава носеше лажни странски инвеститори од типот на сомнителните Субрата Рој и Моше Баум со кои се направи дополнителна штета врз граѓаните и буџетот на Република Северна Македонија.

Денес, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски само го продолжуваат патот кој им го трасираше Никола Груевски . На нивното лицемерие и лажна загриженост им нема крај.

Токму ВМРО-ДПМНЕ е партијата – кочничар  која беше против носењето на новите законски решенија за повисока минимална плата, раст на платите и пензиите, а како последно и е кочењето на растот на платите во високото образование за 10% што ВМРО-ДПМНЕ намерно го блокира во Собранието.

Бесмислено е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за затворање на компании и да глуми загриженост за вработените во истите, кога оваа партија не покажа загриженост и не презеде мерки тогаш кога требаше.

Затоа, граѓаните на 12 април ќе порачаат режим – никогаш повеќе!