Македонија
5. July 2017 - 16:14

СДСМ вети, ВМРО-ДПМНЕ предложи, мнозинството одби укинување на радиодифузната такса и обвинител од опозицијата

СДСМ го одби предлогот на ВМРО-ДПМНЕ доставен до собранието за укинување на радиодифузната такса.

Опозициската партија на законодавниот дом му го достави како предлог закон истото решение кое СДСМ пред изборите им го ветуваше на граѓаните. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на тој начин му порачуваат на Заев дека нема да дозволат да побегне од изборните ветувања.

Иако беше едно од клучните предизборни ветувања, мнозинството на СДСМ денеска во Собранието го одби предлогот на опозицијата. Премиерот Заев одлуката ја правдаше со состојбата на државната каса

ВМРО-ДПМНЕ предложи и Јавниот обвинител да се бира на предлог на опозицијата со двотретинско мнозинство во Собранието. Од опозициската партија потсетија дека ова е ветување на СДСМ дадено пред изборите. Мнозинството го одби и овој предлог. Премиерот Заев на денешната прес конференција рече дека новиот јавен обвинител треба да биде експерт.

Од денеска во Собраниска процедура е и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на платата на јавната администрација за 5%. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека станува збор за ветување кое коалицијата За подобра Македонија го дала пред изборите и со кое, администрацијата треба да зема поголема плата почнувајќи од стартот на идната година.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија интензивен ангажман во Собранието ова лето. Од партијата велат дека ќе се организираат во пратеничка група и дека на Собранието ќе му ги предложат како законски решенија сите ветувања кои Заев пред изборите им ги даде на граѓаните.