Македонија
15. May 2021 - 16:37

СДСМ утре избира наследничка на Шекеринска

Во пресрет на утрешниот конгрес на СДСМ, првиот човек во партијата не открива кој ќе му биде заменик, ниту кои имиња ќе бидат на клучните партиски позиции. Заев денеска изјави дека  ќе има најмалку 30 отсто обновени кадри во највисоките органи на партијата. 

-Се што излегува во јавноста се најверојатно дискусии кои се водат во рамки на органите и телата на партијата. Веројатно ништо нема да се знае се до утре околу 10, 11 часот кога ќе почнат првите состаноци, изјави Зоран Заев, претседател ан СДСМ.

Меѓу имињата кои се шпекулираат за заменик претседател на СДСМ се Сања Лукаревска и Венко Филипче. Тој и денеска изјави дека не разговарал со Заев за ова, но верува дека ќе го направел најдобриот тим.

-Не сум разговарал на таа тема со претседателот Заев. Преокупирани сме со менаџирање на овој процес, на кризата и вакцинацијата. Верувам дека ќе го направи најдобриот тим исто како што беше и до сега и дека ќе продолжи успешно да работи на полето на имплементирањето на сите успешни политики исто како и досега, истакна Венко Филипче, актуелен министер за здравство.

Засега е сигурно дека Радмила Шеќеринска нема да биде дел од раководството на СДСМ во следниот период, но потврди дека останува во партијата. За шпекулациите за амбасадор во Вашингтон таа одговори дека би било несериозно од едно место да се префрли на друго.

-Не сум од оние луѓе  кои веруваат во вредности и припаѓаат на некоја партија само како фунционери, изјави Радмила Шеќеринска, актуелен министер за одбрана.

Социјалдемократскиот сојуз утре ќе го одржи 26 партиски конгрес кој ќе биде дигитален, а во партиското седиште ќе биде само раковдството на СДСМ. Освен заменик претседател ќе се бираат и потпретседатели на партијата, генерален секретар и други клучни партиски позиции.