Бизнис
22. August 2017 - 17:06

СДСМ: Секој пензионер оваа година ќе добие 2.160 денари повеќе

ВМРО-ДПМНЕ во недостиг на аргументи ги игнорира релеватните вистинити информации и секојдневно измислува нови лажни вести со цел да креира вознемиреност кај граѓаните. Ова го посочуваат од СДСМ во пишаната реакција на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на која беше истакнато дека пензионерите нема да добијат 2.100 денари повеќе.

Според СДСМ, лага е дека се укинува највеното покачување на пензиите како што тврди ВМРО-ДПМНЕ.

- Вистината е дека пензионерите за оваа 2017 година ќе добијат многу повеќе од еднократното покачување од 630 денари во 2016, односно секој пензионер оваа година ќе добие вкупно 2160 денари повеќе како резултат на усогласувањето на пензиите со трошоците за живот, стои во соопштението.

Од СДСМ велат дека токму ВМРО-ДПМНЕ ги скрати двете годишни усогласувања на пензиите и со тоа оневозможи пензиите да растат согласно трошоците за живот.

- Неуспешни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да шири лажни вести. Владата предводена од СДСМ го подобрува животниот стандард на граѓаните, се наведува во соопштението од СДСМ.