Македонија
31. July 2021 - 12:55

СДСМ: Ребалансот на Буџетот, со повеќе приходи обезбедува капитални инвестиции

Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ го усвои ребалансот во Буџетот за 2021 година, кој обезбедува повеќе приходи во Буџетот, повеќе средства за капитални инвестиции, за поддршка на стопанството и на граѓаните поради коронакризата, за здравството, земјоделството, за редовна исплата на плати, пензии и социјални права.

Вкупните приходи се за 4,7 отсто, односно за 10 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции на буџетот, а расходите се повисоки за 8,6 отсто.

Капиталните инвестиции се повисоки за 5,7 милијарди денари и со нив се обезбедуваат дополнителни 3 милијарди денари за земјоделскиот сектор, 685 милиони денари за заштита на животната средина, преку новата Програма за зелен развој, дополнителни 416 милиони денари за социјалниот сектор за исплата на надоместоци за детска заштита и социјални права, 200 милиони денари за студентски оброк, како и 880 милиони денари за поврат на ДДВ.

Со направените измени обезбедени се дополнителни средства наменети за здравството, за набавка на вакцини преку системот КОВАКС, набавка на возила за транспорт и фрижидери за чување на вакцините и средства за опремување на вакциналните пунктови, како и за реконструкција на јавни здравствени установи.

Со ребалансот се обезбедува поддршка за стопанството и тоа 615 милиони денари за бескаматни кредити преку Развојната банка за најпогодените сектори, 300 милиони денари за кредитна гарантна шема, 610 милиони денари за формирање Фонд за поддршка на извозни компании.

Обезбедено е зголемување на средствата наменети за поддршка на туризмот преку користење ваучери за туризам, продолжуваат инвестициите во трајни добра, во имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор, земјоделството и заштитата на животната средина.

Ребалансот на Буџетот за 2021 година е важен чекор на патот на враќање на претходните стапки на економски раст, на поголема поддршка за економијата и граѓаните и целосно надминување на последиците од коронакризата.

Како одговорна партија продолжуваме да реализираме мерки и политики што значат поголема поддршка за стопанството, инвестиции во капитални проекти, спас на работните места и повисок животен стандард за сите граѓани.

 

СДСМ – Центар за комуникации со јавноста