Македонија
19. December 2015 - 16:25

СДСМ предлага мерки против загадувањето

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија  (СДСМ) денеска побара надлежните институции да спроведат конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот.

Пеце Мирчески, претседател на Комисијата за животна средина во СДСМ, на прес-конференција рече дека власта во изминатите десет години не понудила решение за проблемот со загадувањето.

Со мерките што ги предлага СДСМ, посочи Мирчески, се бара да се воведе субвенција  за билетите во јавниот превоз која ќе важи за сите во зимските месеци и да се подготви стратегија за вклучување поголем број домаќинства на системите на централно греење во поголемите градови, каде загаденоста е на високо ниво, и тоа да биде субвенционирано од  Владата.

Мерките што ги предлага СДСМ предвидуваат да се  воведат грантови за инсталирани соларни панели, за изолација на објекти и за инсталација на енергетски ефикасни апарати, град Скопје итно да забрани сеча на дрва и да започне со санирање на сите уништени зелени површини, како и да се задолжат инспекторите за животна средина да ги посетат субјектите кои вршат промена на масло на возилата за да проверат како се постапува со искористеното масло, дали соодветно се складира и предава или се користи за греење.

СДСМ бара Владата итно да предложи, а Собранието да изгласа одлука за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите на Буџетот, со која тројно ќе се зголемат средствата во Министерството за животна средина и просторно планирање во делот на заштита на животната средина, информира Мирчески.