Македонија
5. May 2018 - 19:42

СДСМ: Петти мај останува запаметен како ден кога граѓаните ја разобличија власта

Петти мај 2015 останува запаметен како денот кога граѓаните целосно го разобличија МВРО-ВМРО и насилството на полицијата во служба на фамилијата.

Јавноста никогаш нема да ги заборави злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ кон припадниците на полицијата и никогаш повеќе нема да дозволи такво нешто да се повтори. ВМРО ДПММЕ секојдневно покажува дека нема капацитет да ги надмине политиките на омраза, поделби, насилство и закани што беа одлика на Никола Груевски. Наместо ВМРО-ДПМНЕ да живее во минатото, треба да научи од тоа црно минато како не треба да се владее, како не треба да се однесува кон граѓаните, кон припадниците на полицијата, кон државата.

Процесот на реформи и ослободување на институциите започнат од Владата предводена од СДСМ обезбедува професионализација и департизација на Министерството за внатрешни работи и другите институции. Денес, МВР работи независно, професионално и неселективно во одржување на безбедноста. Полицијата повеќе не е инструмент на ниту една партија туку е вистински сервис, заштитник и пријател на граѓаните и секојдневно ја враќа довербата којашто 11 години беше постојано поткопувана.