Македонија
13. May 2020 - 16:47

СДСМ очекува датумот за избори да се договори идната недела, ВМРО-ДПМНЕ вели дека има уште услови кои треба да се исполнат

Ден по лидерската средба кај шефот на држвата Пендаровски, власта и опозицијата различно толкуваат што на нејзе се зборувало за изборите и кога и како да се дојде до нив.

Од владејачката СДСМ велат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во текот на состанокот се обидел да ја одбегне темата за избори отворајки, како што велат споредни теми. Од таму порачуваат дека наредната недела нема бегање од датум за избори, согласно правилата, протоколите и препораките на Комисијата за заразни болести.

„И граѓаните, секако и ние сме свесни за континуираното ширење на лаги од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Евидентен е стравот од соочувањето со изборите, секако соочување со изборниот пораз којшто им следува на ВМРО-ДПМНЕ кога и да се случат изборите. Вреди да ги потсетиме дека изборите се прогласени многу поодамна, дека со прогласувањето на изборите е распуштено и Собранието на Република Северна Македонија и секако заради пандемијата и заради појавувањето на корона вирусот беше донесена уредба со којашто изборите беа одложени.“

Од опозицијата пак, велат дека прогласување на избори, како што тврдеше лидерот на СДСМ по средбата, како и одржување на избори 22 дена по престанок на вонредната состојба воопшто не биле усогласени ставови, а Заев бил осаман во барањето за брзи избори.

„Не е точна изјавата на Заев дека "изборите се прогласени" . Изборите не може да се прогласени, кога договор за датум нема. Целосно е невистинито тврдењето на Заев и Спасовски дека изборните дејствија продолжувааг онаму каде застанаа последниот пат по прогласување на вонредната состојба. Ова не може да е така поради фактот што и двајцата се согласија дека ДИК треба да даде своја проценка за потребното време за подготовка на изборите под услов да има зелено светло од комисијата за заразни болести дека има услови за непречена кампања и објективно потребното време на ДИК за прочистување на избирачкиот список, организирање на самите изборни дејствија и условите кои треба да се обезбедат. Тој рок е минимум шеесетина дена од денот на распишувањето на изборите.“

Од друга страна, тековната вонредна состојба завршува во сабота. Од кабинетот на Пендаровски велат дека до сега нема нов предлог од Владата за продолжување на состојбат, но дека во петок ќе има состанок на Советот за безбедност по кој шефот на држвата ќе донесе одлука дали ќе биде продолжена вонредната состојба и по третпат и за колку.

Техничкиот премиер Спасовски, пак, најавува дека за два дена Владата ќе се изјасни дали ќе бара нова вонредна состојба. Останува на ставот дека здравјето на граѓаните ќе биде пред се, но и дека се потребни брзи избори по вонредната состојба пред можниот нов бран на корона вирусот на есен. Спасовски најавува владин протокол за изборите.

„Главно во сите протоколи е дистанцата и носењето на заштитната опрема и тоа е многу важно ако сакаме да ја одржиме состојбата, ваква каква што ја имаме, да имаме тенденција на намалување на инфицираните и од тој аспект ќе биде подготвен детален протокол, како да се однесуваат политичките субјекти, во текот на изборната кампања и за самиот ден на изборите.“

Лидерите на шесте најголеми политички партии вчера во вила Водно не постигнаа согласност за датум з аизбори. Се согласија дека здравјето на луѓето ќе биде критериум за носење на ваквата одлука. Токму за тоа е договорена нова лидерска средба кај Пендаровски за наредната недела. До тогаш извештаи треба да изготват Комисијата за заразни болести и  ДИК, а треба да се се добие став и од ОБСЕ/ОДИХР за набљудувака мисија на изборите.