Македонија
1. September 2016 - 14:02

СДСМ обвини дека образованието е во лоша состојба

СДСМ денеска оцени дека образованието е во лоша состојба и оти во изминатиот период се спроведени погрешни проекти во овој сектор.

Претседателот на партиската Комисија за образование Петар Атанасов, честитајќи им го почетокот на учебната година на сите ученици, најави дека ќе го укинат и екстерното тестирање.

- Наместо преобемните програми, лошите учебници и голата фактографија и тестирања, прв приоритет ќе ни бидат децата и нивната задолжителна програма, преку намалување на наставните содржини и предмети, подигнување на степенот на употребливост на знаењето, професионалното насочување и работа со децата и поттикнување на вработувањата на завршените ученици од средните стручни училишта, рече Атанасов.

Тој додаде дека ќе ги мотивираат и наградат наставниците, ќе проектираат 10 годишен развоен образовен циклус и ќе дизајнираат нов Институт за развој на образованието.