Македонија
27. October 2016 - 15:26

СДСМ најави промена во функционирањето на Собранието

Потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска денеска најави дека планираат да го променат начинот на којшто досега функционираше Собранието на Република Македонија.

- Според нашиот план ќе ги обврземе сите матични комисии во Собранието на Република Македонија задолжително да се отворат кон невладините организации, коморите, синдикатите и тоа не само за дебати по закони, туку исто така и за надзорните расправи, истакна Шекеринска на прес-конференција.

СДСМ планира пратениците да се бираат преку отворени листи, да се ограничи употребата на носење на законите по скратена постапка, претседателот на Собранието еднаш годишно да реферира пред законодавно-правната комисија за тоа колку често се користеле скратените постапки и да се ревидира начинот на исплата на патните трошоци за пратениците кои живеат надвор од Скопје. 

- Сметаме дека само со вакви мерки ќе можеме да ја вратиме силата, значењето и довербата во Собранието на Република Македонија. Само на таков начин ќе имаме силно собрание кое ќе биде во состојба да ја контролира извршната власт, рече Шекеринска.