Македонија
16. јуни 2016 - 16:21

СДСМ најави кривична за судијката Поп Стефанија

Шилегов најави дека СДСМ ќе поднесе кривична пријава за судијката Александра Поп Стефанија за одлуката со која Специјалното јавно обвинителство се прогласува за ненадлежно за случајот „Тврдина“.

- Во името на заштитата на правото и законите СДСМ ќе побара преиспитување на нејзината работа како и работата на претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, рече Шилегов.

Тврди дека одлука да се прогласи СЈО за ненадлежно за случајот за уништување на опремата за прислушување е спротивна на законските прописи по повеќе основи.

- Во кривична постапка, овластен тужител може да биде физичко лице или обвинителство. СЈО е токму тоа, обвинителство. Второ, во конкретниот случај станува збор за предмет за којшто судот веќе има постапувано и носено решенија. За тоа, дали некој е овластен тужител или не, се оценува на почетокот на постапката. Ова е уште едно прекришување на законот, рече Шилегов.  

Според него, Поп Стефанија нема законско право да одлучува за предмети за организиран криминал бидејќи Републичкиот судски совет ја делегирало од судот во Неготино во судот во Скопје да суди предмети во Одделнието за прекршоци. 

- Основани се сомнежите дека „некој“ намерно, пред два месеци, непосредно после аболицијата, ги донел овие незаконски одлуки за распределба, рече Шилегов.

Обвини дека сопругот на судијката е дел од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Неготино, бил член на Комисијата за лустрација и секретар на општина Неготино.